свет

Германија: Очевидците во шок и неверување по расистичкиот терористички напад

„Имам страв од расизмот. Сето тоа се случи пред мојот дом, можев и јас да бидам во едно од кафулињата. Поради тоа се плашам. Многу е жално тоа што страдаа невини луѓе“, порача Копец, која живее преку патот на двете кафулиња кои се нападнати во Ханау

Mesut Zeyrek  | 21.02.2020 - Обновена : 23.02.2020
Германија: Очевидците во шок и неверување по расистичкиот терористички напад ( Foto: Mesut Zeyrek / Anadolu Agency )

ХАНАУ (AA) - По расистичкиот терористички напад во германскиот град Ханау, во кој се убиени најмалку девет лица, очевидците во улицата во која дошло до напад сѐ уште се под голем шок и неверување, јавува Агенција Анадолија (АА).

Расистичкиот терорист идентификуван како 43-годишен Тобиас Ратхјен во средата навечер изведе вооружен напад во два угостителски објекти во Ханау и уби девет лица. Подоцна е пронајден мртов, заедно со мајка му, во својот стан. Напаѓачот бил регистиран ловџија, а оставил писмо и видеопорака. Меѓу убиените се петмина Турци, како и еден државјанин на Босна и Херцеговина.

Озкан Рутбил, сопственик на мала продавница преку патот на кафулињата кои биле цел на нападот, во разговор за АА рече дека во моментот на нападот бил со пријател пред продавницата. Наведува дека тие слики сѐ уште му се пред очите и дека сѐ уште е под шок.

„Едно од кафулињата на кои е извршен нападот беше во сопственост на мојот многу близок пријател Седат Гурбуз, кој е и убиен. Слушнавме пукање и се затрчавме. Сето тоа се случи во неколку секунди. Кога влеговме внатре видов дека Седат е погоден. Сите беа во шок, никој не можеше да проговори“, рече Рутбил.

Додаде дека го видел напаѓачот од грб додека бегал и дека му изгледал поинаку од ликот кој подоцна е прикажан на телевизија.

Рутбил истакна дека во храдот Ханау живеат помеѓу 20 и 30 илјади Турци и дека првпат се соочиле со ваков напад. Истакна дека по ваквите случаи не се чувствуваат сигурно.

„Не се чувствуваме сигурно. Уште од минатата година ваквите објави се шират на социјалните мрежи, на Фејсбук. Тука ништо не се презема во однос на тоа прашање, а кога до тоа ќе дојде, постојат обиди да се прикрие“, тврди Рутбил.

Додава дека функционерите дошле во Ханау, го осудиле тероризмот, оставиле цвеќе. Но, Рутбил наведува дека тоа не е гаранција дека слични напади нема да се случат утре, ако не во Ханау, тогаш во некое друго место.

Раскажа дека неговиот убиен пријател Седат Гурбуз бил омилен меѓу пријателите.

Сузана Копец, по потекло од Полска, живее во зградата преку патот на кафулињата кои биле цел на нападот. Таа рече дека по нападот снимила видео и го објавила на социјалните мрежи, што предизвикало голем одек.

„Околу 22 часот слушнавме бучава. Отворивме прозорец да видиме што се случува надвор. Ги видовме луѓето како трчајќи излегуваат од кафулето „Миднајт“. Сфативме дека нешто се случува, одлучивме да ја повикаме полицијата. За две минути полицијата веќе беше во улицата, а 15 минути подоцна почнаа да пристигнуваат луѓе од други улици, сфатија дека во Ханау нешто се случува“, раскажа Копец.

Додаде дека уште е во шок и дека не може да верува за сето она што се случи во нејзината улица.

„Имам страв од расизмот. Сето тоа се случи пред мојот дом, можев и јас да бидам во едно од кафулињата. Поради тоа се плашам. Многу е жално тоа што страдаа невини луѓе. Сите тие живееја тука, а убиени се поради расизмот. Јас не сум расист, сакам други култури“, порача Копец.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.