Kasım İleri
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Со цел да ја зголемат поддршката за операцијата во Рака, Соединетите Американски Држави (САД) ги прошириле пистите на еден аеродром во близина на Кобани, во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA)
Генералот Карлтон Еверхарт II ги информираше членовите на Конгресот во воената база „Ендрус“, која се наоѓа во американската сојузна држава Мериленд, во врска со операциите на Воената воздухопловна команда. Тој истакнал дека одредени единици на командата ѝ даваат копнена поддршка на коалицијата во Сирија, во борбата против ДЕАШ, и дека е проширен еден аеродром којшто се наоѓа во северниот дел на Сирија.
Генералот Еверхарт нагласи дека овој аеродром ќе игра значајна улога во транспортот на материјали, опрема и персонал.
- „Ги доведува сите нешта поблиску до војната“ -
Портпаролот на Централната команда на вооружените сили на САД (ЦЕНТКОМ), полковник Џон Томас, во изјава за АА истакна дека ги прошириле пистите на еден аеродром којшто се наоѓа на 90 километри северно од Рака, близу Кобани.
„Аеродромот ќе служи како дополнително место за авионите што ќе им даваат воздушна поддршка на силите што се борат против ДЕАШ со цел да се заземе Рака“, вели Томас во врска со овој аеродром.
Томас истакна дека пред да се изгради аеродромот близу Кобани, силите на САД ги користеле базите во Турција, како на пример базата „Инџирлик“ во Адана. За изградениот аеродром, Томас изјави: „Ги доведува сите нешта поблиску до војната“, додаде тој.