Hakan Ceyhan Aydoğan
04 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
МОСКВА (АА) - Владимир Каверин, возач на метрото во кое вчера, во рускиот град Санкт Петербург беше активирана бомба, изјави дека одлучил да продолжи да вози откако одекнала експлозијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Каверин во Санкт Петербург говореше за моментот на нападот и за она што следеше.
Тој вели дека слушнал одекнување на силна експлозија и дека потоа видел облак од прашина.
„Почна да доаѓа предупредување од светилките за итни случаеви во вагоните. Решив без намалување на брзината да возам до станицата, а за ситуацијата го информирав центарот. Дури откако возот застана, сфативме што се случило“, рече Каверин.
Тој додаде дека кога возот застанал, немало паника, а патниците на повредените им пружале прва помош.
Директорот на метрото во Санкт Петербург, Владимир Гариугин, истакна дека возачот постапил правилно со тоа што не го запрел возот и дека со тоа е спречено зголемување на бројот на загинатите.
Во експлозија на направа поставена во вагон, која се случи помеѓу станиците Сенај и Технолошкиот институт загинаа најмалку 14, а повредени се над 40 лица.
Руското обвинителство ја окарактеризира експлозијата како терористички напад и започна опсежна истрага.
Терористичкиот напад во метрото во Санкт Петербург го изведе Акбарјџан Џелилов, државјанин на Руската Федерација со потекло од Киргистан.