Bilgin S. Şaşmaz
13 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
ЧИКАГО (АА) – Темата „Војна на ѕвездите“ го одбележа саемот за автомобили во Чикаго, кој се смета за еден од најголемите автомобилски настани во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
На 109. саем за автомобили во Чикаго, кој сѐ уште е во тек, во најголемиот конгресен центар во Северна Америка, „Меккормик плејс“, љубителите на автомобили имаат можност да видат повеќе од 1.000 автомобили.
Автомобилските компании на саемот организираа разни интересни настани и активности со цел да го привлечат вниманието на посетителите.
Темата што најмногу привлече внимание на саемот беше концептот „Војна на ѕвездите“ на компанијата „Нисан“. Во изложбениот павилјон на „Нисан“ беа присутни аниматори кои ги имитираа карактерите од познатиот филм, како и автомобилот „Роуг“ (Rogue) дизајниран според концептот на „Војна на ѕвездите“.
Најголем интерес предизвика изложбениот павилјон во кој беше претставена луксузната изложба подготвена од неколку локални фирми од Чикаго. На оваа луксузна изложба беа претставени 17 автомобили со вкупна вредност од 12 милиони долари, поради што се преземени специјални безбедносни мерки.
На саемот, во преден план излегоа автомобилите на електричен погон, како и автомобилите со систем за автоуправување. На саемот можеше да се забележи дека кај возилата, освен способноста за говорна комуникација со возачот, смарт (интелигентни) системи за спречување на грешките на возачот, како и автоматското сопирање, наместо класичните бои се преферираат подинамични и повпечатливи бои.
Се очекува дека саемот, кој завршува на 20 февруари, ќе го посетат повеќе од милион посетители од различни делови на САД.