Ekipa
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
КАБУЛ (АА) - Најмалку 18 цивили загинаа во воздушните напади на НАТО силите предводени од САД, во авганистанската кризна покраина Хелмонд, јавува Anadolu Agency (AA).
Мисијата за поддршка на ОН во Авганистан (УНАМА) денес соопшти дека во нападот на меѓународните воени сили во четвртокот и петокот, во подрачјето Сангин загинале цивили, воглавно жени и деца.
Во соопштението се наведува дека според првичните информации, во нападите се убиени најмалку 18 цивили, и дека е започната истрага за тој случај.
Портпаролот на регионалната влада во Хелмонд, Умар Звак, за АА ја потврди информацијата за нападот од страна на меѓународните сили на населено место и додаде дека цел на нападите биле антивладините елементи.
Подрачјето Сангин за време на минатата година двапати падна во рацете на талибанското милитантно движење, а авганистанските сили поддржани од американската војска и понатаму вршат операции за неутрализирање на талибанските елементи во тој регион.
Хелмонд е средиште на криза и судири меѓу силите на авганистанската војска и милитантните групи. Во текот на минатата година, во тој регион загинаа 891 цивил, а во однос на овој број веднаш зад него е Кабул според билансот на загинати во таа земја.