Betül Yürük
16 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
ЊУЈОРК (АА) - САД го блокираа усвојувањето на предлогот на Советот за безбедност на ОН да се започне независна и транспарентна истрага за убивањето на Палестинците за време на протестите на границата на Газа со Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Луис Шарбоно, шефот на ОН во „Хјуман рајтс воч“ („Human Rights Watch“), за новинарите изјави дека САД спречиле започнување истрага за прекумерната употреба на сила на Израел во Газа.
Од друга страна, амбасадорите на арапските земји при ОН по седницата на СБОН повикаа на спроведување независна и транспарентна истрага за убивањето на Палестинците за време на протестите во Газа.
Освен тоа, побараа и меѓународна заштита за палестинскиот народ.
Франција, Германија, Велика Британија, Шведска, Холандија и Полска во име на ЕУ го повикаа Израел да се воздржи од употреба на прекумерна сила против цивилите, а Хамас да се воздржи од провокации.
„Бројот на загинатите Палестинци за време на протестите на границата на Газа е зголемен на 62, вклучувајќи осум малолетни деца“, се потврдува од Министерството за здравство на Палестина. За време на протестите од вчера се ранети вкупно 3.188 лица, меѓу кои се наоѓаат и жени и деца.
Илјадници Палестинци се собраа во понеделникот на границата на Газа за да протестираат поради израелската окупација и преместувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои продолжија и вчера.
Во осудувањата што пристигаат од светот, меѓу останатото е наведено дека прекумерната сила е недопустлива во случај на мирни протести какви што Палестинците организираа на 70-годишнината од Накба односно масовниот прогон на овој народ.