Dildar Baykan Atalay
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Лидерите на Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Австралија соопштија дека е воспоставена нова безбедносна соработка наречена АУКУС (AUKUS), и во тие рамки, САД и Велика Британија ќе споделат нуклеарна подморничка технологија со Австралија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Британскиот премиер Борис Џонсон и австралискиот премиер Скот Морисон, со видеоконференција учествуваа на прес-конференцијата на американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
Лидерите на овие земји информираа за воспоставување нова безбедносна соработка наречена АУКУС помеѓу САД, Велика Британија и Австралија.
Во својот говор на прес-конференцијата, Бајден истакна дека нивното партнерство со Австралија и Велика Британија датира многу години наназад и дека ќе се борат заедно со тешкотиите со кои се соочуваат во 21 век.
- „Во моментов нема логична причина да се разделиме едни од други“
Нагласувајќи дека моменталната ситуација во Индопацифичкиот Регион бара соработка од овие три земји, Бајден рече: „Нема логична причина да се разделиме едни од други во моментов.“
„Како најважен проект во рамките на АУКУС, започнуваме консултации за Австралија да добие конвенционално вооружена подморница со нуклеарен погон. Тука не зборуваме за нуклеарно вооружени подморници, туку за конвенционално вооружени подморници кои се напојувани од нуклеарни реактори. Потврдено е дека оваа технологија е безбедна. САД и Велика Британија ја користат со децении“, нагласи Џо Бајден.
Посочувајќи дека овие консултации ќе продолжат и во наредните 18 месеци, Бајден рече дека му дал наредба на американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, да ги спроведе овие консултации и дека Министерството за одбрана ќе работи со министерствата за енергија и надворешни работи.