Burç Eruygur
10 Мај 2024•Ажурирај: 12 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин поднесе предлог до државната Дума за повторно именување на Михаил Мишустин, кој ја презеде функцијата уште во јануари 2020 година за премиер на земјата, објави утрово челникот на Долниот дом на Парламентот, јавува Анадолу.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до државната Дума предлог за кандидатура на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата претседател на Владата“, рече претседателот на државната Дума, Вјачеслав Володин, преку Телеграм.
Истакнувајќи дека државната Дума ќе го формира составот на Владата првпат во историјата на земјата, Володин рече дека дискусијата за кандидатурата на Мишустин ќе се одржи подоцна во текот на денешниот ден на пленарна седница на Парламентот.
Мишустин ќе поднесе извештај до Парламентот, по што ќе следуваат прашања од пратеници и говори од политичките фракции во државната Дума, рече Володин, додавајќи дека по дискусиите ќе се гласа за одобрување на кандидатурата на претседателот на Владата.
Во вторникот Мишустин потпиша декрет за оставката на руската Влада, а Путин положи заклетва за петти претседателски мандат на церемонијата за инаугурација во главниот град Москва.
Подоцна Путин потпиша декрет за објавување оставка на Владата и рече дека ќе продолжи да ги извршува нејзините должности додека не се формира нов Кабинет.
Според уставните амандмани од 2020 година, претседателот на земјата предлага кандидат за формирање на Кабинетот до државната Дума на одобрување.
Парламентот има моќ да го прифати или отфрли кандидатот, а доколку пратениците го отфрлат кандидатот трипати, претседателот има овластување да го назначи премиерот без одобрение од Парламентот.
Претседателот има право и да го распушти Парламентот и да одржи нови парламентарни избори.