Ali Cura
15 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот Парламент денес ќе гласа да одлучи дали ќе побара од претседателот Владимир Путин да ги признае отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нацрт-резолуцијата поднесена од Комунистичката Партија и поддржана од партијата Обединета Русија, која беше ставена на дневниот ред на Долниот дом на Парламентот, Државната Дума, беше предадена на парламентарна комисија.
Според резолуцијата, повикот кон Путин за признавање на Доњецк и Луганск прво ќе биде испратен до руското Министерство за надворешни работи за консултација.
Признавањето ќе формира основа за обезбедување на безбедносни гаранции и заштита на населението од опасност однадвор, според резолуцијата.
Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година со потег кој никогаш не доби меѓународно признавање и кој е оценет за нелегитимен според меѓународното право.
Тензиите помеѓу Русија, Украина и Западот ескалираа во текот на викендот кога западните медиуми тврдеа дека Москва би можела да ја нападне Украина во среда.
Москва неодамна распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, предизвикувајќи страв дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива кон поранешниот советски сосед.
Русија ги отфрли тврдењата и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Кремљ, исто така, издаде список со безбедносни барања до Западот, меѓу кои се и гаранциите дека Украина и Грузија нема да се приклучат кон НАТО.