Talha Yavuz
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Украина не предвидува Русија да изврши напад од големи размери врз земјата, изјави секретарот на Националниот совет за одбрана и безбедност, Олексеј Данилов, јавува Агенција Анадолија (АА).
Данилов за украинскиот печат истакна дека се свесни за случувањата и ризиците по нивната територија.
Нагласувајќи дека ситуацијата е целосно под контрола, Данилов рече дека не предвидуваат голем напад од Русија на 16 или 17 февруари.
Сепак, тој нагласи дека и Украина е подготвена за секаков вид на напад, истакнувајќи дека руската страна може да изврши провокации.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно ги информираше лидерите на западните земји дека Русија може да ја нападне Украина на 16 февруари.
Во источните региони на Украина владеат судири од март 2014 година, по руската инвазија и анексијата на Крим.
Москва неодамна распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Русија негира дека се подготвува за инвазија и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Кремљ, исто така, издаде список со безбедносни барања до Западот, меѓу кои се и гаранциите дека Украина и Грузија нема да се приклучат кон НАТО.