Dmitri Chirciu
02 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
МОСКВА (АА) - Министерството за одбрана на Русија соопшти дека аеродромите во украинските градови Полтава и Дњепар биле погодени од високопрецизно оружје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, објави информација за дејствијата на руската Војска во војната во Украина.
Наведувајќи дека руската Војска и таканаречените сепаратистички единици во Донбас зазеле одредени населени места во Украина, Конашенков рече дека резервоарите за гориво на рафинеријата за нафта во украинскиот град Кременчук биле погодени од високопрецизно оружје.
Истакна дека од тој објект се снабдувале со гориво воените единици во централните и источните региони на Украина.
Конашенков рече и дека „аеродромите во Полтава и Дњепар биле погодени со проектили со висока прецизност“.
Руската војна против Украина, што започна на 24 февруари, наиде на голема меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.276 цивили се убиени во Украина, а 1.981 се повредени, според проценките на ОН, кои стравуваат дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 4 милиони Украинци побегнале во други држави, а милиони се внатрешно раселени.