Emre Gürkan Abay
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
МОСКВА (АА) - Министерството за одбрана на Русија информираше дека се преземени различни мерки за контрола на маневрите што ги реализираат американските бродови кои влегуваат во Црното Море, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на руското Министерство за одбрана се наведува дека од 30 октомври три брода, меѓу кои и командно-контролниот брод на американската морнарица „Маунт Витни“, влегле во Црното Море.
Се наведува дека два стратешки бомбардери на САД летале на 100 километри од руската граница. „Руската флота на Црното Море презема низа мерки за контрола на движењето на американските бродови во Црното Море.“
Меѓу другото, во соопштението стојат и обвинувањата против САД за активностите на бродовите.
„Маневрите спроведени од страна на американската Војска се непланирани активности на САД, кои формираа мултинационална група вооружени сили во близина на руската граница. Ваквите активности кои вклучуваат и воено проширување на украинска територија се дестабилизирачки фактор во регионот на Црното Море“, се вели во соопштението.