Ekipa
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија ги суспендираше договорите за олеснување на визниот режим за белоруските владини претставници како одговор на непријателските дејствија на Минск со користењето мигранти, соопшти Советот на ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Советот денеска усвои одлука со која делумно ја суспендираше примената на договорот за визно олеснување меѓу ЕУ и Белорусија“, се вели во соопштението на институцијата што ги претставува земјите членки на ЕУ.
Одлуката значи дека белоруските владини службеници нема да можат да аплицираат за визи за ЕУ користејќи поедноставени процедури со кои се намалува бројот на потребните документи и административната такса.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека санкциите не ги засегаат обичните граѓани, бидејќи сè уште можат „да ги уживаат истите бенефиции според договорот за визно олеснување“ што е во сила од јули 2020 година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера повика на нови санкции кон Белорусија како одговор на растечката миграциска криза на границата со Полска.
„ЕУ особено ќе истражува како да ги санкционира, вклучително и преку црната листа, авиокомпаниите од трети земји кои се активни во трговијата со луѓе“, посочи таа.
Според ЕУ, белорускиот претседател Александар Лукашенко сака да се одмазди за санкциите на ЕУ наметнати врз неговиот режим со поканувањето „туристи“ од земјите кои се главни извори на миграции во Блокот.
Од октомври минатата година, ЕУ воведе санкции против 166 поединци и 15 субјекти од Белорусија поради кршењето на човековите права со задушување на протестите против, како што се наведува, наместените избори, на 9 август 2020 година.
Во јуни, Блокот го забрани прелетувањето на воздушниот простор на ЕУ и пристапот до аеродромите на ЕУ за сите белоруски авиони поради принудното пренасочување на летот на „Рајанер“ до Минск и приведувањето на белорускиот новинар Раман Пратасевич.
Во август, земјите на ЕУ кои граничат со Белорусија - Литванија, Латвија и Полска - пријавија драматично растечки број нерегуларни преминувања.
Според последните проценки од минатиот месец, над 6.000 мигранти, главно од Ирак, Авганистан и Сирија, се обиделе да влезат во ЕУ преку границата на Белорусија со ЕУ, во споредба со минатогодишните 150.