Dmitri Chirciu,Emre Gürkan Abay
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека Русија не го прифаќа едностраното прогласување на Калифа Хафтар за шеф на држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров, по неформалниот состанок со колегите од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, кој е одржан преку видео-линк, зборуваше за кризата во Либија.
Тој изјави дека Русија не го прифаќа прогласување на Хафтар за „шеф на држава“ и додаде дека моменталната криза во процес на решавање не е образложение за вакви еднострани одлуки.
„Не ги прифаќаме ни изјавите за тоа дека премиерот на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Фајез ал Сараџ не сака да разговара со Хафтар ниту тоа Хафтар сам да одредува иднина за либиското население. Ниту едно од тоа не помага во воспоставување на стабилен консензус“, изјави Лавров.
Тој додаде дека либиските страни мораат сами да дојдат до заедничко решение.
Хафтар синоќа порача дека Договорот од Сухејрат е неважечки и се прогласи за шеф на државата.
Договорот во Сухејрат е постигнат во 2015 година под покровителство на ОН, а со резолуцијата неговата содржина ја одобри и Советот за безбедност на ОН. Со договорот е формирана Влада на национално единство на Либија која доби мандат за водење на политичката транзиција и организирање на дијалог меѓу паралелните парламенти во Триполи и Тобрук.
Нелегитимните сили на Хафтар го спречуваат имплементирањето на договорот, а Хафтар одби да ја предаде оружената моќ која ја има. Силите на Хафтар минатата година покренаа напади со цел заземање на Триполи, во што ги спречија силите на лојалата меѓународно призната Влада на национално единство.