Diyar Güldoğan
19 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Сите земји би требало да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Потребно е целосно да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, како што е наведено во Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 2254 и во други документи на ОН“.
„Затоа, сите активности на теренот, а има многу учесници, вклучувајќи ги и оние што ги извршуваат воените операции, мораат да бидат координирани со Дамаск“, изјави Лавров кој беше цитиран од страна на руската новинска агенција ТАСС.
Коментарите на Лавров дојдоа откако американската морнарица вчера собори борбен авион „SU-22“ на сирискиот режим, кратко време откако тој ги нападна партнерските сили на САД во коалицијата за борба против ДЕАШ.
Зборувајќи пред новинарите по состанокот на министри за надворешни работи БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) во Пекинг, Лавров изјави:„ Ги повикуваме САД и сите други што имаат свои сили или советници на копно (во Сирија) да обезбедат координација во нашата работа“.
Лавров рече дека зоните без судири се една од можните заеднички опции.
„Ги повикувам сите да избегнуваат еднострани дејства, да го почитуваат суверенитетот на Сирија и да се вклучат во нашата заедничка работа, која е договорена со владата на Сириската Арапска Република“, додаде тој.
Лавров изјави дека Русија, Турција и Иран го поддржале процесот во Астана за да пронајдат решение за сирискиот конфликт.
Прекинот на огнот во Сирија, за којшто посредуваа Турција и Русија, водеше до преговорите во Астана, кои се одржуваат паралелно со преговорите на ОН во Женева, со цел да се пронајде решение на шестгодишниот конфликт.
Лавров додаде дека петтиот круг на сириските мировни преговори во Астана ќе биде одржан на 10 јули и оти специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура ќе присуствува на состанокот, според новинската агенција ТАСС.