Büşra Nur Bilgiç Çakmak
03 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
ВИЕНА
Властите на Австрија го претставија проектот со кој родната куќа на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер ќе биде преуредена и користена како полициска станица во градот Браунау на Ин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, во Виена го претстави архитектонското решение за преуредување на куќата во која е роден Хитлер во 1889 година.
Нехамер изјави дека претворањето на родната куќа на Хитлер во полициска станица е смислен потег бидејќи полицијата ги штити човековата права и слободи.
Челникот на комисијата задолжена за преуредување на објекти, Херман Фајнер, изјави дека проектот ќе чини 5 милиони евра и дека ќе биде завршен во тековната 2020 година.
Архитектот Роберт Вимер изјави дека историските аспекти на објектот ќе бидат сочувани.
Родната куќа на Хитлер во австриското гратче на границата со Германија во изминатите години беше место на собир на неонацистите, поради што австриските власти во 2016 година донесоа одлука за експропријација на тој објект.
Сопственичката на куќата, Герлиндеа Помер, ја оспори експропријацијата, а Уставниот суд на Австрија пресуди во корист на австриската Влада.
Кон крајот на минатата година на подрачјето на ЕУ е распишан тендер за проектни идеи за преуредување на родната куќа на Хитлер за да биде адекватен објект за потребите на полициската станица и полициските дирекции на подрачјето на Браунау.