Alma Çekovic
23 Јуни 2016•Ажурирај: 23 Јуни 2016
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес се одржува референдум за останувањето на земјата во Европската унија (ЕУ) или излегувањето од неа, што би можело значително да ја одреди иднината не само на оваа земја, туку и на Европа.
Референдумското прашање на кое одговор имаат право да дадат над 46 милиони луѓе гласи „дали Обединетото Кралство треба да остане членка на ЕУ или да ја напушти ЕУ?”.
На изборните места ќе излезат и британските државјани на Северна Ирска како и државјаните на Комонвелтот со место на живеење во Обединетото Кралство, но и државјаните на Обединетото Кралство во странство кои во последните 15 години се на избирачките списоци. Право на глас овојпат ќе имаат и граѓаните на Гибралтар.
Исходот од референдумот засега е доста неизвесен. Според последните анкети, британската јавност е целосно поделена, додека останувањето на земјата во 28-члениот блок го поддржува мнозинството граѓани на ЕУ.
Последниот ден од кампањата пред референдумот за останување или излегување на Велика Британија од Европската унија, британскиот премиер Дејвид Камерон предупреди дека излезот од Унијата е пат без враќање, додека спротивниот табор ги повикува британските гласачи да имаат повеќе доверба во својата земја.
Поддржувачите на популарно наречениот „Брексит" веруваат дека Европската унија го попречува развојот на Велика Британија, додека со останувањето на земјата во ЕУ би можела да добие специјален статус во друштвото европски земји.
Откако таборот што се залага за излегување од Европската унија ги повика британските гласачи да имаат повеќе доверба во себе и својата држава, британскиот премиер Камерон предупреди дека тоа е пат без можност за враќање.
„Не можете да скокнете од авион а потоа да се вратите пак во него низ отворот на кокпитот”, сликовито порача Камерон во вчерашната изјава за радио Би-Би-Си.
Камерон смета дека Велика Британија го има најдоброто од двете опции бидејќи го задржала специјалниот статус и води самостоен пазар, со можност да придонесе за решавањето на сите проблеми како што се тероризмот и воспоставување економски и трговски односи.
Од друга страна, истакнатиот застапник на Брекситот и поранешен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, во пресрет на референдумот, исто така, даде изјава за новинарите на Би-Би-Си во текот на утринската посета на рибарница во источниот дел на Лондон.
„Време е да имаме нови односи со нашите пријатели и партнери од другата страна на Каналот. Време е за подигнување на гласот за демократија и стотици милиони луѓе ширум Европа се сложуваат со нас. Дојде време да се одвоиме од дисфункционалниот и неефикасниот систем на Европската унија”, порача Џонсон.
Последните анкетни истражувања покажуваат дека останувањето во ЕУ и излегувањето од Унијата го поддржува многу изедначен процент од Британците. Збирните резултати од овие анкети објавени на веб-сајтот „Што размислува Обединетото Кралство” ("What UK Thinks") покажуваат дека за останување во Унијата се 51 процент од граѓаните а за излегување од ЕУ 49 отсто од Британците.
Аналитичарите предвидуваат дека одѕивот на гласачите на денешниот референдум би можел да достигне 80 проценти, што не е забелажано на ниту едни национални избори, ниту на референдумите одржани во таа земја во изминатиот половина век.
Станува збор за третиот национален референдум во историјата на Велика Британија и доаѓа по четиримесечна борба за гласови помеѓу поддржувачите на двете опции. Британија сличен Референдум одржа и во 1975 година, кога 67 проценти од населението гласаше за останување на земјата во Европската економска заедница.
Избирачките места, кои се отворени во осум часот по средноевропско време ќе бидат затворени во 23:00 часот, а првите резултати ќе бидат познати во петок наутро.