Nuri Aydın
05 Ноември 2019•Ажурирај: 06 Ноември 2019
ХАНОЈ (АА) - Во рамките на истрагата за смртта на 39-те лица пронајдени во ладилник во камион во Есекс, Велика Британија, во Виетнам е приведено уште едно лице, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Туои тре“ (Tuoi Tre) јавува дека лицето за кое се верува дека е поврзано со овој случај е приведено во подрачјето Нге Ан.
Со тоа бројот на приведените е зголемен на 11, од кои 2 лица се приведени во Ха Тинх, а 9 во Нге Ан. Приведените се сомничат за организирано прекуморско криумчарење на луѓе.
Шефот на полицијата во Нге Ан, Ху Цау, изјави дека групата, пред луѓето да ги криумчари во Велика Британија, ги испраќала во Русија, а потоа во Германија.
Британската полиција во утринските часови на 23 октомври во камион во индустриски парк во Есекс пронајде 39 тела.
Се верува дека камионот на 22 октомври пристигнал во пристаништето Зебруге, Белгија, од каде што истиот ден тргнал кон Велика Британија.
Иако првобитно е соопштено дека станува збор за кинески државјани, дополнително е кажано дека поголемиот дел од жртвите се државјани на Виетнам.
Возачот на камионот, Маурис Робинсон, е уапсен на 28 октомври под обвиненија за убиство и криумчарење на луѓе.
Во Даблин е уапсен и 22-годишниот Емон Харисон, кој се товари за убиство на 39 лица, крумчарење на луѓе, кршење на закон за миграции и перење пари.