Riyaz Khaliq Khaliq
20 Јануари 2023•Ажурирај: 22 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Стапката на самоубиства кај невработените лица во Јапонија речиси се удвои минатата година, но и општо во земјата со популација од околу 126 милиони луѓе, која се бори и со стареењето на населението, на кое отпаѓа 28,5 отсто од вкупното население, јавува Агенција Анадолија (АА).
Владините податоци објавени денес покажаа дека стапката на самоубиства кај мажите, исто така е зголемена, за првпат во последните 13 години.
Самоубиствата кај невработените во 2022 година се удвоиле на 1.038 лица, додека кај пензионерите или кај лицата што живеат од бенефиции за вработени се зголемиле за 705 на 5.347, покажуваат податоците.
Се додава дека бројот на мажи кои извршиле самоубиство минатата година се зголемил за 604 на 14.543, од вкупниот број 21.584 самоубиства во земјата - што е зголемување за 577 од претходната година.
Бројот на самоубиства бележи пад околу една деценија до 2019 година кога се регистрирани 20.169 самоубиства, но од пандемијата на Ковид-19 самоубиствата бележат пораст.
Претставник на Министерството за здравство за „Кјодо њуз“ изјави дека посебно се истакнува порастот на бројот на мажи на возраст од 40 до 60 години, како и на пензионерите и на невработените.
„Влијание, исто така, имаа и самоубиствата на познати луѓе“, додаде претставникот.
Бројот на самоубиства на жени, сепак, е намален за 27 на 7.041.
Анализата на луѓето кои извршиле самоубиство покажува дека повеќето од нив страдале од различни здравствени и семејни проблеми.
Чијо Игараши, експерт за превенција на самоубиства од Универзитетот за технологија во Токио рече: „Инфлацијата и влошената економска ситуација предизвикани од слабиот јен, исто така можно е да имаа влијание.“
„Треба да се справиме со недостигот на медицински сестри и лекари во малите до средни компании“, рече професорот по здравствени науки.