Emre Aytekin
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
АНКАРА (AA) – Во Италија во текот на викендот кај уште 16 лица е дијагностицирано заразување со вирусот Ковид-19 (коронавирус), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција АНСА (ANSA) јави дека во текот на викендот во Ломбардија се потврдени 14, а во Венето два случаи на заразување.
Челникот на Цивилната заштита, Ангело Борели, соопшти дека бројот на заразени во земјата е зголемен на 152, а бројот на смртно настрадани на три.
Во рамките на мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 во подрачјата на северот на земјата, во училиштата во многу градови е откажана наставата.
Во Милано се затворени многу цркви, а откажан е и популарниот карневал во Венеција.
Истовремено, во Јужна Кореја е забележано значително зголемување на случаите со заразување во последните седум дена. Така на 17 февруари беа потврдени 30 случаи на заразување, а денес 833 случаи.
Бројот на смртно настрадани поради вирусот Ковид-19 е зголемен на седум.
Кажано е и дека 60 заразени претстојувале во црква во градот Даего, на југоистокот на земјата.
Освен нив, со вирусот се заразени и 13 припадници на вооружените сили.
Поради значително зголемениот број на заразени, 15 земји воведоа ограничувања што се однесуваат на патувања за државјаните на Јужна Кореја.
Израел во саботата не дозволи симнување на патниците од авионот на „Кореја ер“, во кој се наоѓаа 180 патници од Јужна Кореја, во Тел Авив.
Контролите ги зголемија и Велика Британија, Туркменистан, Казахстан, Етиопија, Уганда и Брунеј.
Оман донесе одлука за 14-дневен карантин на патниците од Јужна Кореја, Кина, Иран и Сингапур.