Ekipa
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
СЕНТ ЏОНС (AA) - Ураганот Ирма, најсилниот досега забележан во Атлантскиот Океан, рано утринава стигна до Карипските Острови, а во текот на следните часови овој тропски циклон од петта категорија би требало да помине и низ Порторико, Доминиканската Република, Хаитите и Куба, пред да дојде и до американската сојузна држава Флорида за време на викендот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овој „потенцијално катастрофален“ ураган утринава стигна до карпискиот остров Барбуда, соопшти Националната метеоролошка служба.
Локалното население тврди дека телефонските линии се прекинати, а дождот предизвикан од бурата стигнал и до соседниот остров Антигва.
Во соопштение кое заврши со пораката: „Бог нека им помогне на сите“, властите ги предупредија жителите да се заштитат од налетот на разорниот ураган.
Ураганот, кој вчера прерасна во петта, најсилна категорија, донесува ветришта со максимална брзина од 295 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани со седиште во Мајами.
Поради засилената бура, Американскиот национален центар за урагани издаде предупредување за подрачјето на Западноиндиските Острови, вклучувајќи делови на Заветрените Острови, Британските и Американските Девствени Острови и Порторико.
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба на Флорида, Порторико и на Американските Девствени Острови.
Жителите на Флорида масовно се снабдуваат со храна и со вода во случај ураганот да го погоди копното. И на Карибите населението ги набавува основните намирници. Аеродромите на неколку острови веќе се затворени, а јавните засолништа отворени.
Ураганот Ирма може да биде вториот силен ураган што ќе го погоди брегот на САД, откако минатата недела ураганот Харви ја погоди сојузната држава Тексас и го разори Хјустон, четврти по големина град во САД, одземајќи десетици животи.