Monis Bin Ali
11 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
СЕУЛ (АА) - Севернокорејскиот генерал Хванг Пионг-сo изјави дека Пјонгјанг е подготвен за превентивен нуклеарен напад на Јужна Кореја и на САД, по одлуката воената морнарица на САД да го позиционира носачот на авиони „Карл Винсон“ и неговата флота во водите кај Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералот Хванг Пионг-сo, воен советник на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, им се закани на САД и на Јужна Кореја за време на телевизискиот пренос во пресрет на 105. годишнина од раѓањето на Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја.
„Северна Кореја ќе ги уништи без трага доколку се обидат да започнат агресија“, изјави Хванг Пионг-сo.
Ден претходно, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека ќе ги смета САД во потполност одговорни за катастрофалните последици од нивните насилнички акции.
Во соседната Јужна Кореја се зголеми загриженоста дека САД би можеле да извршат напад на Северна Кореја, по ракетните удари на сириската воена база како одговор на минатонеделните хемиски напади на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад врз цивилите.
Меѓутоа, официјален Сеул повтори дека нема да има воени акции на САД против Северна Кореја без претходни консултации со Јужна Кореја.