Emre Gürkan Abay
14 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека со бегалската криза која е предизвикана од војната во Сирија, Турција е најмногу погодена, нагласувајќи дека целиот свет заедно треба да го решава проблемот со бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сириските бегалци се голем предизвик. Овој предизвик најмногу ја погодува Турција“, изјави Путин на годишната прес-конференција во Москва, потсетувајќи ги присутните дека Турција прифатила најголем број на бегалци од Сирија.
„Сепак, не е можно Турција сама да го реши овој проблем. Целиот свет треба заедно да се справи со овој проблем. Русија е исто така подготвена да помогне во решавањето на проблемот“, рече Путин.
Тој истакна дека во Русија е потребно подобрување на квалитетот на инфраструктурата, особено во здравството, образованието и индустријата, за да може земјата да продолжи со растот и напредокот.
Тој потсети дека во недела ја посетил Сирија, нагласувајќи дека претходно не можел да престојува во земјата поради безбедносни причини.
„Долго време ја планирав оваа посета, но поради загриженоста за безбедноста, не можев да ја посетам таа земја порано“, рече рускиот претседател.
Тој се осврна на претседателските избори во Русија што ќе се одржат во март следната година, истакнувајќи дека ќе настапи како независен кандидат.
„Очекувам и поддршка на политичките сили со кои споделувам слични ставови“, истакна Путин, а на прашањето за состојбата во опозицијата во руската политика, истана дека опозициските политичари во Русија треба да бидат пореални и поконструктивни.
„Знам дека многу луѓе во нашата земја непријатно се чувствуваат во врска со ова прашање. Меѓутоа, кога ќе ги погледнеме предлозите и антисистемските изјави на опозицијата, нивните постапки предизвикуваат голем сомнеж. Опозицијата не треба да сонува туку на општеството да му понуди реални предлози“, изјави Путин.
Зборуваше и за суспензијата на руските спортисти од Зимските олимписки игри во Јужна Кореја во 2018 година, напоменувајќи дека зад се стојат политички мотиви.
„Мислам дека овој скандал се појави поради политички мотиви. Меѓутоа, постои тука и наша вина бидејќи дадовме повод да се случи нешто вакво“, истакна Путин, додавајќи дека и атлетичарите на некои други земји исто така користат недозволени допинг средства, но дека, како што рече, се казнуваат само руските спортисти.
На крајот се осврна и на ефикасноста на Доналд Трамп за време на досегашниот мандат, тврдејќи дека во краток временски период остварил важни успеси.
„Ова може особено да се забележи ако се погледне растот на пазарот во САД. Довербата на инвеститорите во американската економија е најдобриот показател дека Трамп добро ја врши својата работа“, рече Путин.
Рускиот претседател на прес-конференцијата, која траеше речиси четири часа, зборуваше за прашања како што се економијата, внатрешните прашања, надворешната политика како и најважните глобални прашања.