Ömer Aydın
14 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
ПАРИЗ (АА) - Најмалку четворица ученици загинаа, а 24 лица се тешко повредени, вечерва, во судир на училишен автобус и воз во јужниот дел на Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Гувернерот Филип Вигне изјави дека им е потребна поддршка на лекарите и од другите делови на земјата.
„Имаме вкупно 24 тешко повредени лица, од кои 21 ученик на колеџ и три лица кои се наоѓале во возот“, изјави Вигне за новинарите.
Од Управата за железници на Франција (SNCF) наведено е дека во возот се наоѓале 25 патници и двајца машиновозачи.
Судирот се случи во близина на градот Перпињан, наоколу 850 километри јужно од Париз, близу границата со Шпанија.
Градските власти соопштија дека се ангажирани сите единици за пружање на итна помош.
„Сите единици на итна помош се мобилизирани, како и единицата за управување со кризни ситуации“, наведоа на Твитер.
Во автобусот, наводно, се наоѓале ученици на возраст од 11 и 15 години.
Одредени француски медиуми наведуваат дека училишниот автобус од јачината на ударот бил преполовен.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, се огласи на Твитер истакнувајќи дека неговите мисли се со жртвите на овој страшен судир и со нивните семејства.
Тој додаде дека целата земја е потполно мобилизирана за да пружи помош.