Elena Teslova
30 Септември 2022•Ажурирај: 01 Октомври 2022
МОСКВА (АА) ‒ Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша документ за припојување на украинските региони Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје кон Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата одржана во главниот град Москва, Путин и лидерите на таканаречените проруски администрации потпишаа договори за припојување на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје кон Русија.
Говорејќи на церемонијата во Кремљ, Путин рече дека Русија никогаш нема да ги „издаде“ жителите на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Путин за време на обраќањето го нападна Западот, наведувајќи дека тој го води патот на деиндустријализација на ЕУ со воведувањето на забраната за руските енергетски извори во Европа. Тој го осуди „расизмот“ и „русофобијата што се шири низ светот“ и рече дека Русија не сака да го обнови Советскиот Сојуз.
Во меѓувреме, земјите членки на ЕУ ја осудија руската „нелегална анексија“ на регионите во источна Украина, велејќи дека никогаш нема да ја признаат.
Во периодот 23 ‒ 27 септември, украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск и делови на Запорожје и Херсон под контрола на Русија одржаа референдуми за припојување кон Русија.
Руското Министерство за надворешни работи во средата соопшти дека повеќе од 98 отсто од луѓето кои живеат во украинските региони го поддржуваат припојувањето кон Русија.
Референдумите беа осудени од меѓународната заедница, а европските земји и САД ги нарекоа лажни и незаконски.