Elena Teslova
22 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин ја изрази својата поддршка за клучното барање на талибанците, повикувајќи ги западните земји да ги одмрзнат финансиите на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот на дебатниот клуб „Валдаи“ во Сочи, Путин истакна дека западните земји ја носат главната одговорност за она што се случува во Авганистан.
„Главната одговорност за она што се случува таму ја носат оние земји кои се бореа таму 20 години. И првото нешто што треба да го направат, според мое мислење, е да ги одмрзнат средствата на Авганистан за да му дадат можност на Авганистан да ги реши социоекономските проблеми што е од огромно значење“, рече тој.
Рускиот лидер, исто така, ги пофали талибанците за нивните напори во борбата против терористичката организација ДЕАШ во Авганистан, напоменувајќи дека има жртви и меѓу талибанците.
Тој ја пофали и улогата на Пакистан во помошта за Авганистан, нагласувајќи дека Пакистан е еден од најважните актери во регионот.
Путин, исто така, го пофали американскиот претседател Џо Бајден, велејќи дека неговата одлука да ги повлече американските војници од Авганистан е правилна.
„Тој го направи вистинското нешто со повлекувањето на војниците од Авганистан. Веројатно сфатил, можеби не знаел детално како ќе се одвива ова, но сфатил дека вака или онака, на домашен терен, ова ќе биде една од линиите на напад. Но и покрај тоа, тој тргна кон тоа, го прифати, ја презеде оваа одговорност“, рече Путин.
„Од интерес на Русија е да има мирен Авганистан кој се развива ослободен од терористички закани и трговијата со дрога, а поради тоа“, рече Путин, „неопходно е да му се помогне на Авганистан да ја поврати својата економија.“
Тој истакна дека повлекувањето можело да се изведе на поинаков начин, но рече дека како што минува времето, се ќе дојде на свое место.
„Што се однесува до безбедносните прашања, руските органи за спроведување на законот одржуваат контакт со релевантните авганистански структури“, информира Путин.
Тој, исто така, рече дека би било интересно во иднина еден од состаноците на дебатниот клуб „Валдаи“ да се одржи и во Авганистан.