Meiramgul Kussainova
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
НУР СУЛТАН
Повеќе од 200 лица се приведени поради нарушување на јавниот ред за време на демонстрациите кои избија низ Казахстан во вторникот, се соопштува од Министерството за внатрешни работи на оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наведено е дека се оштетени 37 полициски возила, повредени 95 полицајци, а еден автомобил е запален за време на протестите.
Полицијата и понатаму е распоредена на улиците на Алмати, најголемиот казахстански град, каде што се одржани масовни собири.
Сметајќи ја Владата одговорна за протестите организирани против неодамнешното зголемување на цените на гориво, претседателот Касим Јомарт Токаев денеска ја одобри оставката на премиерот Аскар Мамин и неговите министри.
Иако уредбата стапува на сила веднаш, се очекува членовите на Владата да продолжат со своите должности до формирањето на новата влада.
Како што протестите се ширеа низ целата земја претходно истиот ден, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта на запад, за периодот меѓу 5 и 19 јануари, за да ја одржи јавната безбедност. Тој, исто така, воведе полициски час во Алмати, поранешниот главен град на земјата, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Полицијата употреби шок-бомби и солзавец за да ги разбрка демонстрантите, на што тие одговорија со камења. Пријавени се и судири меѓу полицијата и демонстрантите, како и вандализирање и палење на полициски автомобили од страна на демонстрантите.
Владата, исто така, го ограничи пристапот до апликациите на социјалните медиуми, вклучително и Фејсбук и Телеграм.
Протестите избија на 2 јануари кога возачите одржаа протести против зголемувањето на цените на течниот нафтен гас во градот Жанаозен во Мангистау, кои подоцна се проширија во градот Актау.
Протестите за поддршка во западните градови Атирау, Актобе и Орал, каде што се наоѓаат резервите на нафта и природен гас во земјата, се проширија и во другите делови на Казахстан, при што се претворија во јавни демонстрации.