Aness Suheil Barghoti
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
ЕРУСАЛЕМ (АА) - Сослушувањата во истрагата за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за корупција продолжуваат втор ден по ред во израелското Министерство за правда во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Сослушувањата во врска со случајот на Нетанјаху започнаа вчера и ќе траат до понеделник.
Јоси Ашкенази, член на правниот тим на Нетанјаху, истакна дека поднеле нови документи кон истрагата.
Тој го пофали интересот за случајот од страна на канцеларијата на главниот обвинител: „Ние сме среќни поради тоа.“
Адвокатите на Нетанјаху вчера поминаа повеќе од 11 часа обидувајќи се да го убедат главниот обвинител да не поднесува обвинение против израелскиот премиер за случаите за корупција.
Нетанјаху не се појави на вчерашното сослушување - наместо тоа го испрати својот десетчлен правен тим на средбата со тимот на главниот обвинител кој се состои од 20 јавни обвинители, предводен од Авичаи Манделблит и државниот обвинител Шаи Ницан.
Во февруари, израелскиот главен обвинител Авичаи Манделблит изјави дека размислува да подигне обвинение против Нетанјаху за корупција и мито за три различни случаи.
Тој во мометот е под истрага за овие три случаи, за кои негира каква било вмешаност.
Првиот случај е поврзан со израелскиот холивудски продуцент Арон Милчан, од кого било побарано да купи луксузни предмети за Нетанјаху и неговата сопруга.
Вториот случај се однесува на договор за наклонето медиумско покривање склучен со Арон Мозес, издавач на проминентниот дневен весник „Једиот Ахронот“ (Yedioth Ahronoth).
Во третиот случај Нетанјаху се товари за наградување за услугата од израелската компанија „Bezeq Telecom“ за наклонетото покривање на веб-страницата на компанијата.