Muhammet Kurşun
03 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Поради протестите и немирите, Иран затвори два гранични премини со Ирак, потврди командирот на граничната полиција, Касем Резаи, јавува Anadolu Agency (AA).
Иранските власти од синоќа, кога беа интензивирани судирите за време на антивладините протести во Ирак, ги затворија граничните премини во Џезабе.
Резаи појасни дека граничните премини ќе бидат повторно отворени кога ќе се запрат немирите во Ирак и ќе се воспостави безбедност.
Поради антивладините протести, во ирачкиот град Багдад утринава беше прогласен полициски час.
Ирачкиот премиер Адил Абдул-Махди, издаде наредба на безбедносните сили да спроведат опсежен полициски час со цел заштита на јавниот ред и внатрешната безбедност од демонстрантите, кои извршуваат напади на безбедносните сили и врз јавниот и приватниот имот во главниот град Багдад.
Абдул-Махди изјави дека безбедносните сили ќе толерираат вонредни хуманитарни ситуации и патници на аеродромите.
Во Багдад, во вторникот започнаа демонстрации против актуелната Влада на чие чело се наоѓа премиерот Адил Абдул-Махди. Демонстрациите следуваа по повикот на активистите кои изјавија дека Владата не успеала да го подобри животниот стандард на граѓаните и да ги спроведе потребните реформи.
Во текот на двата дена од протестите загинаа 12 лица.