АНКАРА (АА) - СААДЕТ ФИРДЕВС АПАРИ / ШЕНХАН БОЛЕЛИ -
Продолжуваат ефектите од ерупцијата на вулканот Кумбре Веха, кој ги започна своите активности на Ла Палма, еден од групата Канарски Острови во југозападниот дел на Шпанија, пишува Агенција Анадолија (АА).
На 19 септември, во 16:10 часот по локално време, почнаа ерупциите на вулканот на Ла Палма, а досега од областа прекриена од лавата евакуирани се над 6.000 лица.
Поручникот Пабло Гарсија Перез, командант на Воената единица за итен одговор, која беше испратена во Ла Палма, остров со популација од 80.000 жители, за дописникот на АА зборуваше за ситуацијата и вложените напори да им се помогне на загрозените во регионот.
„Од моментот кога стигнавме во Ла Палма во неделата вечерта, спроведуваме мисија за контрола и надзор на левата и десната страна на излевањето на лавата од вулканските ерупции. Во исто време, се обидуваме да ги сведеме можните загуби на минимум. Покрај тоа, од вчера, доделена ни е мисија да им помогнеме на евакуираните цивили да ги извлечат вредните предмети од сопствените домови. Со лесни возила приоѓаме до домовите на евакуираните и им помагаме да го направат потребното товарење. Сето тоа го правиме благодарение на возилата што ги донесовме на островот“, истакна Перез.
Ставрос Мелетлидис, службеник на Националниот институт за географија и Шпанскиот институт за вулканска опсервација и навремено предупредување, изјави дека очекуваат реките од лава што истекуваат од вулканот, да стигнат до морето.
„Во моментов, датумот и времето за тоа не се познати, бидејќи се работи за многу бавно движење на лавата. Базните активности се случуваат на врвот од вулканот во моментов. По вториот ден, може да се забележи дека активностите се интензивирани на падината која надминува 4.000 метри. Според податоците со кои располагаме во моментов, не можеме да одредиме колку долго ќе траат ерупциите. Продолжуваме да надгледуваме. Можеме само да се обидеме да ги предвидиме сценаријата за веројатноста на протокот на лавата, присуството на гас и вулканска активност“, посочи Мелетлидис.
- „Застрашувачко нешто“ -
Басилио, кој е во првата група меѓу 6.000 луѓе кои досега беа евакуирани поради вулканските ерупции во Ла Палма, за случувањата рече: „Додека вечеравме во неделата, дојдоа по нас за евакуација. Сѐ беше многу брзо и лудо. Никој не очекуваше дека по вулканската ерупција лавата ќе тргне кон нашата куќа. Кога таа почна да се излева по ерупцијата, нѐ замолија веднаш да ја напуштиме куќата. Забрзано го напуштивме домот, оставајќи сѐ зад себе.“
Басилио, кој со солзи во очите ја опишуваше тагата поради напуштањето на својот дом во кој живеел цел живот, изјави:
„Страшно нешто. Немам зборови со кои би можел да ги опишам моите чувства, но во никој случај не ја изгубив вербата дека ќе се вратам во мојот дом. Мора да се биде оптимист, ќе видиме што ќе се случи.“
Информирајќи дека и неговиот татко исто така бил евакуиран од својата куќа вчера напладне, Басилио продолжи со зборовите: „Немав спиено 48 часа, но сега сум малку подобар. Кај куќата на татко ми имаше околу 40 луѓе. Не знам како да им се заблагодарам на противпожарната бригада, на војниците, на другите тимови кои ги спасија. Се обидов и јас да им помогнам. Сметам дека е многу вредно да се истакнат и медиумите што нѐ поддржаа, па дури и учествуваа во активностите на евакуацијата.“
- Евакуирани 6.000 лица, изгореа 320 куќи -
Лавата од вулканот Ла Палма уништува сѐ што ќе ѝ се најде на патот, вклучувајќи и стотици домови. Поради ерупцијата, евакуирани се 6.000лица, а изгореа 400 хектари земјоделско земјиште и 320 куќи, при што причинета е штета од 400 милиони евра. Температурата во лавата достигна 1.100 степени Целзиусови.
Според информации добиени од локалната власт, просечната висина на протокот на лава од вулканот, кој е активен од 19 септември, достигнала шест метри, а од вулканот се испуштаат помеѓу 6.000 и 9.000 тони сулфур диоксид дневно.
Воената единица за итен одговор учествува во активностите за помош, спасување и контрола во регионот со персонал од 67 лица и 30 возила.
Институтот за вулкански студии на Канарските Острови објави дека ерупциите на вулканот Кумбре Веха се очекува да траат меѓу 24 и 84 дена.
Експертите предупредија дека ако лавата се излее во морето, ќе настанат силни експлозии, а гасовите што ќе произлезат од хемиските реакции ќе претставуваат опасност за луѓето од регионот.
Левичарската коалициска Влада во Шпанија објави дека Ла Палма ќе биде прогласена за област на катастрофи и потребната помош ќе биде доставена за кратко време.
Кралот Фелипе Шести се очекува да пристигне во регионот и да оствари средби со претставниците на власта, при што ќе се информира за активностите што се преземаат на теренот.
- „Извонреден спектакл“, искоментира министерката за туризам на Шпанија -
Неколку часа по евакуацијата на 5.000 луѓе, меѓу кои и на стотици туристи, министерката за туризам на Шпанија, Рејес Марото, искоментира дека ерупцијата на вулканот претставува извонреден спектакл.
Тврдејќи дека посетата на Ла Палма е безбедна, Марото рече: „Нема никакви ограничувања за посета на островот. Напротив, пренесуваме дополнителни податоци за да ги информираме туристите дека можат да патуваат на островот и да уживаат во нешто извонредно, несекојдневно, во кое можат да се уверат самите. Експлозиите се извонреден спектакл.“
Последната вулканска ерупција во Шпанија е забележана во 1971 година, на вулканот Тенегија, сместен во јужниот дел од островот Ла Палма.