Cüneyt Karadağ, Erbil Başay
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
БЕРЛИН (АА) - ЏУНЕЈТ КАРАДАГ/ЕРБИЛ БАШАЈ -
Германија се подготвува за историските избори в недела, 26 септември, а гласачите се надеваат дека стабилноста постигната под водство на канцеларката Ангела Меркел ќе продолжи, пишува Агенција Анадолија (АА)
В недела 60 милиони граѓани во Германија ќе изберат нов состав на Бундестагот, односно државниот Парламент, со што подоцна ќе биде познат и наследникот на канцеларката Ангела Меркел, која ја извршуваше оваа функција 16 години.
Екипата на АА на улиците на главниот град Берлин ги прашаа германските граѓани какви се нивните очекувања од новата влада. Она за што сите се согласуваат е дека лицето кое ќе ја замени Меркел сигурно го чека тешка работа, а граѓаните се надеваат дека стабилноста под водство на канцеларката Меркел ќе продолжи.
Кевин Коријат верува дека Христијанско-демократската унија (CDU) ќе остане на власт.

„Верувам дека ЦДУ ќе продолжи. Може повторно да има голема коалиција. Но, не мислам дека ЦДУ ќе влезе во коалиција предводена од Социјалдемократската партија (SPD)“, рече Коријат.
Тој предвидува дека за првпат во историјата ќе биде потребна трипартитна коалиција, што, како што рече, може да ги компликува работите.
Пензионерката Ен Хорнинг верува дека приоритетните прашања на кои треба да се фокусира новата влада се социјалните прашања, особено потенцирајќи ги прашањата за цените на киријата, подобрувањето на образованието и обезбедувањето пензии.
„Ова се моите барања. Сепак, мислењата на партиите за надворешната политика се генерално исти. Не очекувам големи промени во надворешната политика“, вели Хорнинг.

Таа потсетува дека формирањето на Владата во 2017 година траеше околу шест месеци, и додава:
„Овој пат тоа не треба да трае премногу долго. Нова влада треба да се формира до крајот на годината. Ако е можно, Германија треба да има нова влада до крајот на ноември.“
Марион Шмит посочува дека програмите на партиите се многу шарени, но дека нивната содржина е недоволна.
„Мислам дека е потребно добро да се прочитаат изборните програми пред да се гласа. Ја донесов својата одлука. Убеден сум дека донесов вистинска одлука за изборите на 26 септември“, вели Шмит.
Оценувајќи го мандатот на германската канцеларка Ангела Меркел, Шмит продолжува:
„Всушност, тажно е што Меркел си заминува. Таа обезбеди стабилност за 16 години. Ако ја напуштеше функцијата порано, тоа можеше да ја олесни работата за новиот канцелар. Кандидатот на ЦДУ во моментов не знае каква изборна борба ќе води.“
Неговото предвидување е дека постизборниот период ќе биде „многу луд“, со оглед дека шансите за коалиција се големи. Според него, можна е голема коалиција, односно влада предводена од ЦДУ.
Марк Фридрих, кој не крие дека е левичарски гласач, би сакал ЦДУ да остане во опозиција по изборите.
„Би сакал Владата да биде повеќе левичарска. Не би ја избрал ЦДУ, но немам негативен поглед на периодот на Меркел. Периодот на Меркел беше добро време“, рече Фридрих.
Нагласувајќи дека климатските промени се важен проблем, Фридрих додава:
„ЦДУ и СПД не можат да се договорат за климата. Покрај тоа, мора да се обезбеди економски раст, без разлика за која влада станува збор.“
Младата берлинка Даниела Хенше в недела за првпат ќе гласа на изборите. Таа смета дека изборите оваа година ќе бидат потешки отколку во претходните години.

„Овие избори ќе бидат тешки. Особено затоа што има многу гласачи кои имаат 18 години како мене, тоа ќе биде тежок избор и за нив“, вели Хенше, додавајќи дека очекувањата на младите гласачи се исполнети со ветувањата дадени од кандидатите и партиите за време на изборната кампања.
Тројца кандидати се натпреваруваат на неделните избори за функцијата германски канцелар. Кандидат за шеф на Владата пред ЦДУ е лидерот на партијата, Армин Лашет, кандидатот на СПД е актуелниот министер за финансии, Олаф Шолц, а кандидат на Зелените за канцелар е Аналена Баербок.
Право на глас на изборите во Германија имаат 60,4 милиони граѓани. Околу половина од гласачите живеат во државите Северна Рајна-Вестфалија (12,8 милиони), Баварија (9,4 милиони) и Баден-Виртемберг (7,7 милиони).
Бројот на жители кои живеат во Германија и кои немаат право на глас бидејќи не се германски државјани, е 11,4 милиони.