Ali Semerci
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудискиот крал Селман бин Абдулазиз соопшти дека Саудиска Арабија се надева дека првите разговори со Иран за градење доверба ќе дадат конкретни резултати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кралот Селман на 76. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) одржа говор преку видеоконференција.
Тој наведе дека Иран е соседна земја и дека се надеваат дека првите разговори ќе доведат до конкретни резултати што ќе ја зголемат довербата.
Тој, исто така, изрази надеж дека овие разговори ќе го отворат патот за воспоставување соработка изградена врз основа на почитување на суверенитетот, немешањето во внатрешните работи и намалувањето на целата поддршка за терористичките групи и милиции.
Истакнувајќи дека надворешната политика на Саудиска Арабија го поддржува дијалогот и мирните решенија, кралот Селман рече дека неговата земја ги поддржува меѓународните напори да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје.
Во својот говор, осврнувајќи се на палестинската кауза, кралот Селман ја истакна важноста од формирање независна палестинска држава според границите од 1967 година со Источен Кудс (Источен Ерусалим) како главен град.
Во врска со Јемен, кралот Селман рече дека доколку се спроведе мировната иницијатива што неговата земја ја претстави во март, а која вклучува „целосен прекин на огнот и почеток на преговорите“, конфликтот ќе заврши, крвопролевањата ќе престанат и ќе им дојде крајот на страдањата на браќата Јеменци.
Кралот Селман, меѓу другото, додаде дека Хусите продолжуваат да одбиваат мирни решенија, се фокусираат на воената опција и се закануваат на меѓународните поморски и енергетски ресурси.
Фајсал бин Ферхан, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија, на 22 март, истакнувајќи дека покренале мировна иницијатива која вклучува почеток на преговори, рече: .„За да се најде решение за кризата во Јемен треба да се постигне сеопфатен прекин на огнот под покровителство на ОН, приходите од пристаништето Худејда да се пренесат на заедничка сметка во Централната банка, да се отвори Меѓународниот аеродром „Сана“ за некои летови и под покровителство на ОН да започнат преговорите меѓу страните.“
Покрај тоа што споменатата иницијатива беше поздравена од јеменската Влада, Хусите тврдеа дека иницијативата нема да донесе ништо ново.