Adham Kako,Ömer Koparan,Eşref Musa
14 Април 2018•Ажурирај: 15 Април 2018
БАБ (AA) - И понатаму трае евакуацијата на цивилите од Дума, Источна Гута, каде што пред седум дена е изведен напад со хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јавуваат новинарите на АА од Баб, евакуацискиот конвој од Источна Гута, која е под опсада на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите приврзаници, пристигна во сирискиот Баб.
Во конвојот од 97 автобуси, кој ја напушти Дума, се наоѓаат 3.927 цивили, вклучувајќи 1.468 деца и 989 жени. Еден дел од цивилите од конвојот е сместен во привремените центри во Баб, а друг дел во Азаз.
И понатаму се одвива евакуацијата од Дума. Конвојот во утринските часови на подрачјето на Есирје-Ханашере во Алепо го нападнаа припадниците на вооружената милиција, приврзаници на режимот. Загина едно дете, а четири лица се ранети.
Според проценките, Источна Гута досега ја напуштија повеќе од 65.000 лица.
Припадниците на режимот на Асад, со воздушна поддршка на Русија, на 19 февруари покренаа акција на преземње на контролата над Источна Гута. Оттогаш се интензивирани нападите на спомнатото подрачје во кое, според претпоставките, живеат околу 400.000 лица.
Во нападите страдаа бројни цивили, а неколку илјади лица останаа без кров над главата, поради што беа приморани да престојуваат во засолништа и подруми.