Şenhan Bolelli
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
МАДРИД (АА) - ШЕНХАН БОЛЕЛИ - Проблемот со најголемата суша која е забележана во Шпанија во последните години, е причина за воведување неопходни мерки за заштеда на водата.
По автономните управи на Андалузија, Валенсија, Баскија и Галиција, мерки за контрола на потрошувачката на вода презеде и Каталонија поради недостигот на есенските врнежи од дожд.
По 2007 година, ова е првпат Каталонија да воведе аларм поради суша.
Властите соопштија дека во регионот, каде што резервите на вода се намалени за 33 отсто, искористувањето на водата на рекреативните површини ќе биде намалено за 30 отсто, во земјоделството за 25 отсто, во сточарството за 10 отсто и во индустријата за 5 отсто.
Во рамките на мерките што треба да се спроведат во вкупно 514 каталонски општини, меѓу кои и во Барселона, Жирона, Леида и Тарагона, од јавноста е побарано да не ја троши водата за несуштински потреби како што се наводнување на градините, миење автомобили и полнење базени.
Иако надлежните изјавија дека водата за пиење во домовите е загарантирана во големите градови, малите населени места се соочуваат со сериозни проблеми.
- Во некои места рестрикции на вода се спроведуваат од август -
Аида Морагес, заменик-градоначалничката на областа Л'Есплуга дел Франколи во Тарагона, една од областите погодени од суша, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека уште од јули ја предупредуваат јавноста за недостигот на вода и дека првата мерка прекин на водата почнале да ја спроведуваат во август, од 22:00 до 6:00 часот.
Појаснувајќи дека од октомври на 12 часа го зголемиле прекинот на вода (од 19:00 до 7:00 часот) и почнале да носат вода однадвор со цистерни, Морагес нагласи дека има 310 општини кои се во слична ситуација со нив.
„Иако граѓаните во почетокот нормално реагираат на недостигот на вода, во моментов ситуацијата е многу фрустрирачка поради продолжувањето на часови без вода и недостигот на дожд. Особено се погодени бизнисите како што се баровите и рестораните“, рече Морагус.
Морагус рече дека со избувнувањето на Руско-украинската војна, зголемени се цените на сите производи, при што подготвените проекти за трошоците на транспорт на вода од 1 милион евра се зголемиле на 1,6 милиони евра и додаде дека во тек се преговори со Агенцијата за води на Каталонија и Администрацијата на автономната област Каталонија за финансиска поддршка на проектите.
„Сѐ додека не заврне, немаме друго краткорочно решение освен инвестирање во водни ресурси и полнење на резервоарите со купена вода. Меѓутоа, откако ќе инвестираме во водата, ќе бидеме принудени да ги одложиме другите инвестиции за кои размислуваме во нашата област“, рече Мораги.
- Годишната загуба во земјоделството и сточарството достигна 8 милијарди евра -
Од друга страна, не беа доволни економската, финансиската и хидролошката поддршка и превентивните одлуки што ги донесе левоориентираната коалициска Влада во март во врска со долгорочната суша.
Од земјоделскиот и сточарскиот сектор, кои се меѓу најпогодените од сушата, тврдат дека нивните вкупни загуби достигнале 8 милијарди евра во текот на 2022 година, а вработеноста во земјоделството е намалена за 14,5 отсто.
Особено производителите на маслинки и овошје тврдат дека имаат ниски приноси поради сушата и продаваат со загуба поради поскапувањето на енергенсите.