Riyaz Khaliq Khaliq
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Строгите и заморни ограничувања наметнати од Кина за да се спречи ширењето на Ковид-19 предизвика изливи на гнев кај луѓето кои на видеоснимки се гледаат како се судираат со припадниците за спроведување на законот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На видеоснимките споделени на социјалните мрежи се гледаат работници во фабрика за Ајфон во кинескиот град Женгжу, главниот град на провинцијата Хенан во источноцентрална Кина, кои ги бараат своите права судирајќи се со полицајците и здравствените работници облечени во костими за заштита.
Изливот на гнев се претвори во физичка конфронтација поради неколкуте недели строги ограничувања поради Ковид-19, откако Кина забележа голем пораст на локално пренесените случаи на коронавирусот.
Ова се случи кога кинеските здравствени власти предупредија на „какво било забавување во превенцијата и контролата на епидемијата“.
„Кина се соочува со тешка и сложена ситуација на Ковид-19 со поголемо ширење и повеќе ланци на пренос на вирусот“, изјави вчера Ми Фенг, портпарол на Националната здравствена комисија (НХЦ), апелирајќи на „научен и прецизен одговор на Ковид-19“.
Додека политиката на „Нула Ковид“ на Пекинг го ограничи ширењето на смртоносниот вирус, спасувајќи ги животите на луѓето, таа, исто така, предизвика остри критики поради законот кој не им дозволува луѓето да излегуваат од своите домови без потреба и бара од нив да прават неколку тестови за Ковид во нивната секојдневна рутина.
Аналитичарите сметаат дека строгото справување со пандемијата негативно влијае на втората по големина економија во светот.
Во последната конфронтација, демонстрантите, за кои се вели дека се нови работници, се пожалија на „карантинот без храна“, додека нивниот работодавец не ги исполнил сите ветувања.
На видеата споделени од инфлуенсер на социјалните мрежи може да се види како здравствените работници кои носат заштитни костими и вработените во најголемата фабрика за Ајфон во светот - „Фоксон“ - се судираат, викаат, па дури и удираат по кабините за тестирање за Ковид-19.
Официјалните претставници и државните медиуми досега не излегоа со коментар за најновите протести против ограничувањата на коронавирусот.
Националната здравствена комисија соопшти дека земјата вчера регистрирала 2.719 нови потврдени случаи на вирусот. Повеќето од локално пренесените случаи се пријавени во југоисточната провинција Гуангдонг.
Земјата има пријавено 293.506 потврдени случаи од раните денови на пандемијата во декември 2019 година.
Кина објави нови смртни случаи претходно овој викенд, првпат по шест месеци, со што вкупниот број на починати од Ковид достигна 5.231.