Ömer Aydın
20 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
ПАРИЗ (АА) - Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, е приведен во рамки на прелиминарната истрага околу тврдењата дека за време на кампањата за претседателските избори во 2007 година зел финансиска поддршка од тогашниот лидер на Либија, Муамер Гадафи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста во весникот „Le Monde“, Саркози бил приведен во утринските часови во Нантер, во близина на францускиот главен град Париз, од полицајците при Секторот за борба против корупција. Во веста се наведува дека Саркози кој само што се вратил од Дубаи каде што учествувал на конференција, се подготвувал да отпатува за Лондон.
Тој е приведен поради тврдењата дека кампањата за претседателските избори во 2007 година ја спроведувал со парите обезбедени од тогашниот лидер на Либија, Муамер Гадафи.
Бизнисменот Зиад Такиедин во 2006 година рече дека кон крајот на 2006 година, на Саркози му донел 5 милиони евра од Либија. Овие искази ги потврдија и изјавите дадени во 2012 година во Либија од Абдулах Сенуси, директор на воениот разузнавачки сектор на Либија.
Поранешниот министер за нафта на Либија, Шукру Ганим, во 2012 година загина на сомнителен начин, а на една белешка што била пронајдена кај него, било напишано дека чантата полна со пари е доставена до Саркози.
Бешир Салих беше прикажан како човекот што ја обезбедува врската меѓу Гадафи и Франција, а пред извесно време беше повреден во оружениот напад во главниот град на Јужна Африка, Јоханесбург.
„Гадафи рече дека го финансира Саркози. Саркози го тврдеше спротивното. Јас го сметам Гадафи поверодостоен отколку Саркози“, истакна претходно тој.
Саркози во периодот од 2002 до 2004 година, и од 2005 до 2007 година ја вршеше функцијата министер за надворешни работи на Франција, а во 2007 година беше избран за претседател на земјата. Тој оваа функција ја вршеше од 2007 до 2012 година.