Gökhan Kavak,Adam Abu Bashal
31 Јули 2018•Ажурирај: 31 Јули 2018
АБУЏА (АА) - Претседателот на Нигерија, Мухамед Бухари, му честиташе на имамот кој во судирот што се случи во сојузната држава Плато заштити 300 христијани, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојузната држава Плато се наоѓа во централниот дел на Нигерија. Симон Лалонг, гувернер на оваа држава, информираше дека претседателот на Нигерија упатил честитки и благодарност до 83-годишниот Абдулах Ебубекир, имам во селото Нгхар, кој заштитил 300 христијани што бегале од нападите.
Гувернерот Лалонг во својата изјава рече: „Претседателот на Нигерија Бухари му честиташе на имамот за заштитата на христијаните кои бегале пред нападите и истакна дека посакува да се видат лично“.
Освен тоа, гувернерот Лалонг рече дека претседателот Бухари за имамот Ебубекир рекол дека станал симбол на цела Нигерија, а не само на сојузната држава Плато.
- Илјадници лица ги загубија животите
Во западниот дел на Нигерија дојде до поголем број судири меѓу номадските племиња овчари и земјоделците. Во овие судири, во последната година, животот го загубија околу 2.000 лица, а илјадници грла добиток се уништени.
Племето Фулани со цел да го напасе својот добиток, мигрира во јужниот дел на земјата. Припадниците на ова племе тврдат дека земјоделците се обидуваат да им го украдат добитокот, додека пак земјоделците, од друга страна, тврдат дека племето Фулани добитокот го пасат на земјата што ја обработуваат.
Експертите сметаат дека судирите меѓу овие две племенски заедници доаѓа поради различниот начин на живот и додаваат дека поради непреземањето превентивни мерки, доаѓа до зголемување на судирите.
Во нападите што се случија минатиот месец во Нигерија, во кои животот го загубија повеќе од 100 лица, еден имам стотици христијани кои се засолниле во селото, ги згрижил во својата куќа и во селската џамија.