Sümeyye Dilara Dinçer
22 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, соопшти дека економијата на земјата, која со месеци ја доживува најголемата криза во својата историја, е во колапс и дека не можат да платат ни за увоз на нафта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата економија е целосно во колапс“, рече премиерот Викремесинге во говорот во Парламентот, додавајќи дека Шри Ланка се соочува со сериозна ситуација од недостигот на гориво, гас, електрична енергија и храна.
Истакнувајќи дека дури и за увозот на нафта не може да се плати, Викремесинге рече дека Владата ја пропуштила својата шанса земјата да ја спаси од кризата.
- Ситуацијата во Шри Ланка -
Населението во земјата која се соочува со најголемата економска криза во својата историја, на крајот на март ги засили своите протести по прекините на струјата по 13 часа дневно.
На 9 мај дојде до судир меѓу демонстрантите собрани околу зградата на Кабинетот на премиерот и поддржувачите на Владата. Во главниот град Коломбо воените единици беа повикани на должност.
По зголемениот притисок од опозицијата, премиерот Махинда Раџапакса поднесе оставка на 9 мај и Владата беше распуштена.
Претседателот Готабаја Раџапакса на 12 мај за премиер го назначи Ранил Викремесинге, кој претходно беше премиер во три мандати.
По насилствата беше прогласен полициски час низ целата земја, а Владата нареди да се пука врз секој што ќе наштети на јавен имот за време на протестите.
Во протестите кои се проширија низ земјата животот го загубија 8 лица, меѓу кои и пратеник од владејачката партија и двајца полицајци, а 250 лица беа повредени.
Жителите на Шри Ланка моментално минуваат низ тешки денови поради недостиг на гориво, прекини на струја и зголемени цени на храната и транспортот.