Beyza Binnur Dönmez
15 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
АНКАРА (АА) - Премиерите на Полска, Чешка и Словенија денес ќе го посетат Киев за да ја потврдат поддршката на Европската Унија (ЕУ) за Украина додека војната со Русија продолжува, соопшти полската Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Целта на посетата е да се потврди недвосмислената поддршка на целата Европска Унија за суверенитетот и независноста на Украина. Целта на посетата е исто така да претстави широк пакет на поддршка кон Украина и Украинците“, се вели во соопштението.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки и заменикот премиер Јарослав Качински заедно со премиерите на Чешка и Словенија, Петр Фиала и Јанез Јанша, ќе се сретнат со претседателот на Украина, Владимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал, како претставници на Европскиот совет.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, ѝ донесе тешки финансиски санкции на Москва и предизвика истапување на големи светски компании од Русија.
Од почетокот на војната во Украина, според податоците на Обединетите нации, животот го изгубиле најмалку 636 цивили, додека 1.125 се повредени; над 2,9 милиони луѓе пребегаа во соседните земји.