Ekipa
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индискиот суд денес ја потврди забраната за носењето хиџаб во училиштата во јужната сојузна држава Каранатака, наведувајќи дека носењето шамија не е суштинска религиозна практика во исламот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката дојде по претставките поднесени до Високиот суд во Карантака од девојки на кои не им било дозволено да присуствуваат на наставата поради ограничувањата во однос на хиџабот од државата.
Прашањето се разгоре во јануари кога на студентки муслиманки им беше забрането да влезат во училниците на владиниот колеџ во областа Удупи во Карантака бидејќи носеле хиџаб. Забраната се прошири и кон другите колеџи во сојузната држава предизвикувајќи протести на муслиманите и активистите за човекови права кои изјавија дека Уставот гарантира слобода во облекувањето.
Во својата пресуда од 129 страници, тројца судии пресудија дека: „Пропишувањето на училишна униформа е единствено разумно ограничување кое е уставно дозволено на кое учениците не можат да приговорат“.
Во пресрет на пресудата, јавните собири во некои делови на земјата беа забранети поради одржување на јавен ред и мир.
Според индискиот Устав, секој жител има право да практикува, да се изјасни или да ја пропагира религијата. Ова право може да биде скратено само поради јавниот ред, морал и здравје.
Индиските муслимани беа сведоци на нарушувања на правото за практикување на својата религија под владеењето на премиерот Нарендра Моди и неговата десничарска партија Бхаратија Џаната.