Enes Canlı
12 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (AA) - Прекинот на огнот во Либија, кој стапи во сила на полноќ по повикот на лидерите на Турција и Русија, е прославен во либиската престолнина Триполи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните на Триполи со огномет го прославија примирјето што настапи по судирите.
Од Министерството за сообраќај, кое делува при меѓународно признаената Влада на национално единство на Либија (УМХ), наведено е дека аеродромот „Митига“ во Триполи повторно ќе биде отворен за воздушниот сообраќај.
Два часа откако примирјето стапи во сила, во либискиот главен град се слушнаа звуци на експлозија, меѓутоа уште не се соопштени детали за тоа.
Силите лојални на сепаратистичкиот лидер на истокот на Либија, Калифа Хафтар, го прифатија повикот на Турција и Русија за прекин на огнот во Либија.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Русија, Владимир Путин, на 7 јануари ги повикаа завојуваните сили во Либија од 12 јануари да запрат со непријателствата и да започнат политички дијалог.
Силите лојални на Хафтар го прифатија повикот на лидерите на Турција и Русија за прекин на огнот, и прекинот стапи во сила синоќа, точно на полноќ.
Гласноговорникот на силите лојални на Хафтар, Ахмед ал Мисмари, потврди во видеопорака дека го прифатиле повикот за прекин на огнот во операциите на западот на земјата. Во случај другата страна да го прекрши овој договор, Мисмари порача дека на тоа жестоко ќе одговорат.