Recep Şakar
21 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
МЕЛБУРН (АА) - Австралија за посетителите што се вакцинирани со две дози вакцина против коронавирус ги отвори своите граници, кои во согласност со строгите антиковид мерки, за странци и оние што немаат постојан престој ги затвори во март 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Австралија во рамките на мерките ги држеше своите граници затворени речиси 700 дена, а првите посетители, вакцинирани со две дози вакцина, на аеродромот во Сиднеј допатуваа од Лос Анџелес.
Првите посетители на аеродромот во Сиднеј ги пречека министерот за трговија, туризам и инвестиции Дан Техан.
Техан, како што е наведено во соопштението објавено на страницата на Министерството, кажа дека со отворањето на границите ќе заживее туризмот кој поради забраните воведени поради Ковид-19 поминува низ тежок период.
Истакна дека во првата фаза, од 56 авиони што ќе пристигнат од земјите меѓу кои се САД, Канада, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија, 27 ќе слетаат на аеродромот во Сиднеј.
„Ова е фантастична вест за туристичкиот сектор. Од 21 февруари 2022 година постојат повеќе од 1,2 милиони луѓе кои имаат студентски, туристички и работни визи, а кои ќе можат да патуваат во Австралија“, кажа Техан.
Смета дека со затворањето на границите и строгите мерки Австралија станала една од земјите кои најдобро одговориле на пандемијата на Ковид-19.
„Успешно управуваме со пандемијата и учиме да живееме со вирусот. Австралијците патуваат во прекуокеанските земји, а и кај нас очекуваме меѓународни посетители“, кажа Техан.
Првиот случај на зараза со коронавирусот во Австралија е забележан на 25 јануари 2020 година. Поради ширењето на вирусот, Австралија на крајот на март 2020 година ги затвори своите граници за оние што не се државјани и немаат постојан престој.
Воведени беа строги мерки, вклучително и забрана за движење, освен во исклучителни ситуации, вонредна состојба и целосен карантин. За Австралијците во странство како и за оние што имаат постојан престој воведена е квота на месечно ниво.
Во Австралија како и во другите земји низ светот продолжува да се шири заразата со Омикрон.
Во последните 24 часа забележани се 17 нови смртни случаи, вкупно 4.930. Заразени се 15.888 лица.
Во Австралија се активни повеќе од 214.000 случаи на вирусот, а хоспитализирани се 2.647 лица, од кои 255 се на одделот за интензивна нега.
Во земјата досега една доза вакцина примиле околу 95,4 отсто од популацијата, а две дози 93,3 отсто од населението. Дополнителна доза примиле 49,5 отсто од вакцинираните.