Elena Teslova
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, денес свика состанок на Советот за безбедност на земјата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Состанокот не е редовен и на него ќе присуствуваат голем број учесници“, рече Песков на дневниот брифинг во главниот град Москва.
Песков не одговори на прашањето за главната тема на дневниот ред на средбата. Сепак, состанокот се случува во услови на зголемени тензии во источниот украински регион Донбас и извештаите дека е уништен руски граничен пункт.
Тензиите драматично се зголемија во источна Украина минатата недела, со извештаи за зголемен број прекршувања на примирјето, повеќекратни инциденти со гранатирање и евакуација на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Луганск.
Западните земји ја обвинија Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека таа земја би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негираше каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.