Gamze Türkoğlu Oğuz
12 Декември 2017•Ажурирај: 13 Декември 2017
ТОКИО (АА) - Поранешниот припадник на американската војска, Чарлс Џенкинс, кој во 1965 година од демилитаризираната зона помеѓу двете Кореи побегна во Северна Кореја, почина во Јапонија во 77. година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јапонската телевизија „NHK“ (НХК) јави дека на Џенкинс, кој живеел на северниот јапонски остров Садо, му откажало срцето. Џенкинс е еден од четворицата американски војници кои во 60-тите години побегнаа во Северна Кореја за да ја избегнат Виетнамската војна. Побегнал за време на патролирањето во демилитаризираната зона. Откако преминал на територијата на Северна Кореја, Џенкинс во оваа земја беше затворен околу 40 години.
За време на престојот во затвор ја запознал Јапонката Хитоми Сога, со која се венчал. Пјонгјанг на Џенкинс му дозволи да ја напушти земјата, од каде што во 2004 година отишол кај сопругата во Јапонија.
Џенкинс имал 24 години кога побегнал во Северна Кореја, а подоцна изјавил дека тоа било грешка поради којашто со години живеел многу тешко. Исто така, изјави дека му било страв да биде испратен во Виетнамската војна.
Неговата 20 години помлада сопруга Сога во 70-тите години беше киднапирана од страна на Северна Кореја, со цел да помогне во обучувањето на севернокорејски шпиони, поточно во учењето на јапонската култура и јазик. На Сога во 2002 година ѝ беше дозволено да се врати во Јапонија.
На Џенкинс по доаѓањето во Јапонија му беше судено на американскиот воен суд, и е осуден на 25 дена затвор.
Џенкинс и Сога за време на престојот во Северна Кореја добија две ќерки, кои во 2004 година со татко им преминаа во Јапонија.