Gamze Türkoğlu Oğuz
05 Јули 2021•Ажурирај: 06 Јули 2021
АНКАРА
Сухејл Шахин, портпаролот на талибанците, истакна дека сите странски војници во Авганистан треба да ја напуштат земјата до наведениот датум, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шахин од Канцеларијата на талибанците во Катар, во интервју за „Би-би-си“ (BBC) даде проценки за процесот на повлекување на странските трупи од Авганистан и за напредокот на талибанците во земјата.
Наведувајќи дека кога ќе заврши процесот на повлекување, ниеден странски војник, вклучително и договорните, не смее да остане во главниот град на Авганистан, Кабул, Шахин рече:
„Наспроти Договорот од Доха, ако остават војници, нашето раководство ќе одлучи како ќе постапуваме. Ќе реагираме на ова, а нашето раководство ќе донесе конечна одлука за реакцијата.“
Сухејл Шахин, нагласувајќи дека дипломатите, невладините организации и странските цивили нема да бидат цел на талибанците и дека нема да има потреба од постојана заштита на овие луѓе, рече:
„Ние сме против странски војници, а не против дипломати, невладини организации и нивни вработени, или функционирање на невладините организации и амбасади. Тоа е нешто што им треба на нашите луѓе. Ние нема да претставуваме никаква закана за нив.“
Опишувајќи ја евакуацијата на американските трупи од воздухопловната база „Баграм“, како „историски момент“, Шахин нагласи дека талибанците не играат улога во неодамнешното зголемување на насилството во Авганистан и дека многу региони се под контрола на талибанците откако авганистанските војници не сакаа да се борат.
Шахин додаде дека сегашната влада во Авганистан е „не е стабилна“ и дека прашањето за изборите сè уште не е поставено во разговорите меѓу авганистанската Влада и талибанците.
- Повлекување на САД од земјата и разговори меѓу Авганистанците
Американската администрација постигна договор со талибанците на 29 февруари 2020 година и се согласи да се повлече целосно од Авганистан на 1 мај 2021 година.
Администрацијата на Џо Бајден, пак, најави дека ќе се повлече целосно од Авганистан до 11 септември.
Сè уште не е постигнат значителен напредок во директните разговорите меѓу Авганистанците, што започнаа во Доха во септември 2020 година.