Mahmut Atanur
30 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
ЏАКАРТА
На портокалово ниво е подигнат алармот во подрачјето на вулканот Левотоло, кој се наоѓа во регионот Лембата во индонезиската провинција Источна Нуса Тенгара, известува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за вулканологија и ублажување на геолошки катастрофи (ЦВУГК) објави дека состојбата за тревога е подигната на „портокалово“ ниво поради зголемената вулканска активност на вулканот Левотоло од минатата недела.
ЦВУГК го предупреди локалното население да ја намали активноста во радиус од околу 4 километри од кратерот на вулканот, препорачувајќи употреба на маски и заштитна облека против негативните ефекти на пепелта и чадот што избиваат од вулканот.
Радитја Џати, портпарол на Агенцијата за ублажување на катастрофи, информираше дека вчера по ерупцијата на вулканот се евакуирани 2.800 лица од 28 села.
Министерството за транспорт објави дека е издадено предупредување за летовите во регионот, а локалниот аеродром е затворен поради паѓањето пепел на голем број делови од островот.
Системот за тревога на вулканите во земјата се состои од 4 степени: „зелен“, „жолт“, „портокалов“ и „црвен“ - највисоко ниво.
Индонезија се наоѓа во Пацифичкиот огнен прстен - појас на земјотреси и вулкани, и има 127 активни вулкани.