Zehra Ulucak
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
АНКАРА (АА) - Во поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови во индиската сојузна држава Керала животот го загубија 483 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според вестите на индиските медиуми, премиерот на Керала, Пинараји Виџајан, соопштил дека бројот на загинати се искачил на 483 лица, додека 14 лица се водат како исчезнати.
Тој нагласи дека според последните податоци, 59.296 лица се преместени во 305 бегалски кампови. „Оштетена е земјоделска површина од 57.000 хектари. Проценетата штета е поголема од годишните трошоци на оваа сојузна држава“, додаде тој.
Властите соопштија дека во поплавите се оштетени 168 државни болници, од кои 22 болници целосно останаа под вода, во 50 болници е предизвикана сериозна штета, додека 96 болници се делумно оштетени.
Поради поројните дождови во Керала се излеваат реките и браните, оштетени се улици, мостови и куќи, додека 130.000 домови останаа под вода.
Поради поројните дождови и поплавите што ја зафатија земјата во сезоната на монсунските дождови досега загинаа над 1.000 лица.