свет

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро осуден на над 27 години затвор за обид за државен удар

Четири од петте судии во панелот на судот гласаа за осуда на Болсонаро по сите пет обвиненија во историскиот случај

Efe Özkan  | 12.09.2025 - Обновена : 12.09.2025
Поранешниот бразилски претседател Болсонаро осуден на над 27 години затвор за обид за државен удар

БОГОТА (АА) – Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро вчера беше осуден на 27 години и три месеци затвор, откако Врховниот суд го прогласи за виновен за обид за државен удар, јавува Анадолу.

Четири од петте судии во панелот на судот гласаа за осуда на Болсонаро по сите пет обвиненија во историскиот случај.

Пресудата следуваше откако судиите Кармен Лусија и Кристијано Занин гласаа за тоа Болсонаро да се прогласи за виновен, приклучувајќи се на своите колеги Александре де Мораеш и Флавио Дино, кои претходно го изразија истиот став.

Единствениот судија што гласаше против беше Луиз Фукс, кој побара ослободување по сите обвиненија.

Болсонаро е прогласен за виновен за заговор за државен удар, учество во вооружена криминална организација, обид за насилно укинување на демократскиот поредок, насилни дејствија против државни институции и оштетување на заштитени јавни објекти за време на нападот на неговите приврзаници врз владините згради на 8 јануари 2023 година.

Според обвинителството, заговорот вклучувал и план за атентат врз претседателот Луис Инасио Лула да Силва, неговиот заменик Жералдо Алкмин и судијата на Врховниот суд Александре де Мораеш, со употреба на експлозиви, оружје или отров.

Судијката Кармен Лусија изјави дека обвинителството презентирало „заклучни докази“ дека групата предводена од Болсонаро спровела „прогресивен и систематски план за напад врз демократските институции“.

Седумдесетгодишниот поранешен претседател, кој моментално е во домашен притвор, ги отфрли сите обвиненија. Неговите адвокати најавија жалба пред полниот состав на Врховниот суд од 11 судии.

Пресудата предизвика веднаш реакции во Соединетите Американски Држави. Американскиот претседател Доналд Трамп изрази изненадување, велејќи: „Мислев дека беше добар претседател на Бразил и навистина е изненадувачки што може да се случи ова.“

Државниот секретар Марко Рубио ја оцени пресудата како „нефер“ и најави дека САД „ќе реагираат соодветно на овој лов на вештерки“.

Администрацијата на Трамп претходно воведе 50 % тарифи на увозот на бразилски производи, откако претседателот го опиша случајот против својот сојузник како „лов на вештерки“. Синот на Болсонаро изјави дека гласањето може да доведе до нови санкции од страна на САД.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.