Ekipa
11 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
СЕНТ ПИТЕРСБУРГ (АА) - Над 2,1 милион жители во Флорида, погодени од ураганот Ирма, останаа без електрина енергија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Компанијата „Florida Power & Light“, која со електрична енергија обезбедува околу една четвртина од населението во Флорида, соопшти дека над 845.000 корисници останале без електрична енергија од округот Мајами.
Енергетската компанија Duke (Дјук), која го снабдува со електрична енергија северниот дел на Флорида, соопшти дека по налетот на ураганот околу 13.000 корисници останале без електрична енергија.
Компаниите за снабдување со електрична енергија соопштија дека на терен се голем број екипи, кои ќе се обидат повторно да го вратат напојувањето со електрична енергија кога ќе се создадат услови за тоа.
Американските медиуми јавуваат дека ураганот Ирма ги зел првите жртви на Флорида, каде што најмалку три лица го загубија животот.
Овој ураган рано утринава по локално време стигна во Флорида и претставуваше опасност за целата југоисточна американска сојузна држава, по својот смртоносен поход на Карибите.
Според пишувањето на американските медиуми, ураганот Ирма ослабнал во категорија три, но експертите тврдат дека сѐ уште станува збор за многу опасна бура која претставува опасност по животот и имотот.
Десетици илјади жители на Флорида се наоѓаат во засолништа, а над 6,3 милиони жители на полуостровот добија наредба да ги напуштат своите домови.