Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
07 Септември 2023•Ажурирај: 08 Септември 2023
ИДЛИБ (АА) - Сириската војска и терористичките организации поддржани од Иран и Русија извршија повеќе од 1.400 напади во Идлиб и околните области во изминатата недела, принудувајќи повеќе од 6.000 цивили да ги напуштат своите домови, јавува Анадолу.
Според информациите од Опсерваторијата за авиони во Идлиб, сириската војска и терористичките организација поддржани од Иран извршија напади врз села во Јужен Идлиб најмалку 1.360 пати во текот на изминатата недела. Во ист период руските воени авиони извршија 46 воздушни напади врз овие места.
Селата Фатира, Кеферавид, Кенсафра, Бејнин, Бара и Бељун на југот на Идлиб и селата Кефертал и Сахара во западниот дел на Алепо се меѓу најзагрозените населени места.
Мухамед Халај, директор за координација на итни интервенции во Сирија, изјави дека во нападите загинале пет цивили, а десет се повредени. Тој потврди дека 6.382 цивили ги напуштиле своите домови во последните седум дена.
„Вкупно 22 центра на државните служби, вклучително и здравствени центри и училишта, беа цели на нападите“, рече Халај.
Туркије и Русија во септември 2018 година се согласија да го претворат Идлиб во деескалациона зона каде што актите на агресија се изречно забранети. Сепак, силите лојални на режимот на Башар ал Асад и нивните сојузници постојано ги прекршуваат условите за прекинот на огнот, извршувајќи чести напади во зоната.
Сирија е вовлечена во брутална граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад со неочекувана жестокост ги разби демократските протести.
Според процените на Обединетите нации, во војната загинале стотици илјади луѓе, а повеќе од 10 милиони се раселени.